Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) во сабота ќе добие нов лидер. Како еден од главните фаворити за наследник на Србинот, Александар Боричиќ на челната позиција се смета Роко Сикириќ (43), поранешен професионален одбојкар и хрватски репрезентативец, кој повеќе години е дел од ЦЕВ.
Изборот ќе се одржи во Неапол, Италија во сабота, на 24 август, и се очекува да биде одлучувачки момент за иднината на европската одбојка.
Сикириќ јавно ја објави својата кандидатура и презентираше детална програма, ветувајќи одговорност доколку биде избран. Со долгогодишно искуство во ЦЕВ, на клучни оперативни позиции, тој се смета за долгорочно решение, со цел воведување нови идеи во европската одбојка.
– Моментално мислам дека заостануваме зад другите спортови, последниве неколку години стагнираме. Го почувствував незадоволството и фрустрацијата на клубовите и на федерациите.
Решив да се разголам, да го претставувам гласот на малите, средните, па и големите клубови и здруженија. Секој има некои потреби, кои мораме да ги усогласиме за да растеме заедно.
Дефинитивно би сакал да направам трансформација во смисла на комерцијализирање на нашите натпревари, на нашиот имиџ, маркетинг правата, на дигиталните права, да генерираме профит. Сакам ЦЕВ да биде профитабилна организација, која ќе го дели профитот со сите учесници кои се под наша чадор, вели Сикириќ.
Сикириќ веќе ја има поддршката од значителен дел од европските асоцијации кои ја видоа неговата програма и идеи. Вкупно 56 национални асоцијации ќе гласаат тајно, што значи дека ќе победи кандидатот кој ќе добие најмалку 29 гласа.
Претседателски кандидати се уште Италијанецот, Ренато Арена, Полјакот, Лешек Лео Венцел и Данецот, Ерик Адлер, кој моментално ја дели позицијата потпретседател на ЦЕВ, со Арена.