Менаџерот на англискиот фудбалски шампион, Манчестер сити, Пеп Гвардиола стави крај на шпекулациите за продолжување на кариерата на белгискиот играч за врска, Кевин Де Брујне.
– Кевин нема да си замине. Ако некој замине, ќе разговараме околу тоа, рече Гвардиола на прес-конференција на Државниот универзитет во Северна Каролина пред првиот натпревар од американската турнеја против Селтик.
Шпанскиот стручњак најави дека ќе нема поголеми промени во тимот на „граѓаните“ за новата сезона.
– Секако, постојат шанси за трансфери до последниот ден, не ја исклучувам можноста за нови играчи, но мислам дека постојат 85 до 90 проценти шанси да бидеме во истиот состав и следната сезона, додаде Гвардиола.
Последните неколку дена „островските“ медиуми пишуваа дека белгискиот играч за врска би можел да замине во Саудиска Арабија. Се споменуваше преселбата на Ал-Итихад, кој неодамна го презеде Французинот Лоран Блан, а главни ѕвезди се Карим Бензема, Н’Голо Канте и Фабињо.
Де Брујне е член на Манчестер сити од 2015 година, кога пристигна за 70 милиони евра од Волфсбург. За девет години на Етихад, тој освои 15 трофеи, вклучувајќи ја Лигата на шампиони (ЛШ) и шест титули во англиската лига.
Тој играше и за Генк, Челси и Вердер. За репрезентацијата на Белгија забележа 105 настапи и постигна 28 гола. Неговиот актуелен договор со клубот завршува во 2025 година.
Сити моментално е тивок на пазарот. Единствениот играч кој пристигна на „Етихад“ летово е 20-годишниот бразилски крилен напаѓач, Савињо, од Троа за 30 милиони евра. Минатата сезона тој беше позајмен во Џирона, каде што постигна девет гола на 37 натпревари во Ла лига.