Голот на Фулкруг им донесе премии на фудбалерите на Германија

Голот на Никлас Фулкруг донесе бонуси од 50 илјади евра по играч во германската фудбалска репрезентација, пренесуваат медиумите во Германија. Напаѓачот на Борусија Дортмунд влезе како замена против Швајцарија во неделата вечерта и постигна гол во дополнителното време за ремито 1:1 што го остави Бундестимот на врвот во групата А.

Според информациите, секој играч од составот на Германија ќе добие по 50 илјади евра за пласман во четвртфиналето како лидер во групата. Премијата би можела да достигне рекордни 400.000 евра по човек доколку Германците станат европски шампиони на 14 јули. Доколку Германците загубија од Швајцарија, тогаш домаќините на турнирот ќе завршеа втори во групата. На тој начин не би добиле никакви бонуси, иако на тој начин сепак би стигнале до осминафиналето.

Репрезентацијата на Германија не заработи дополнителни награди на последното Европско првенство, на кое се пласираше како второпласирана во групата. Идентична беше ситуацијата и на светското првенство во Катар, каде Бундестимот беше елиминиран во групите.

Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ), пак, ќе добие бонус од 13,25 милиони евра за првото место во групата А. Победата во осминафиналето носи дополнителни 2,5 милиони евра, а пласман во полуфиналето – уште 4 милиони. Европскиот првак ќе добие бонус од 8 милиони евра, а второпласираните – 5 милиони.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО