Израелската олимписка делегација ќе има 24-часовно обезбедување за време на престојот на Олимписките игри (ОИ) во Париз, што почнуваат во петок, најави францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин.
Поради израелската воена акција во Појасот Газа, која резултираше со смрт на десетици илјади Палестинци, претставникот на ултралевицата во францускиот парламент Томас Портес изјави дека израелските спортисти не се добредојдени во Франција.
Тој рече дека треба да има протести против нивното учество, а неговите зборови наидоа на гласно одобрување.
Сопартиецот на Портес, Мануел Бомпарт, преку социјалната мрежа Х напиша дека израелските спортисти ќе мора да настапуваат без национални симболи поради интервенцијата во Газа.
– Со оглед на постојаното кршење на меѓународното право од страна на израелската влада, легитимно е да се бара израелските спортисти да се натпреваруваат под неутрално знаме на Игрите, напиша Бомпарт.
Ќе бидат преземени големи безбедносни мерки за израелската делегација на ОИ со цел да се спречи масакрот како ониј во Минхен 1972 година, кога во напад на палестинските милитанти беа убиени 11 израелски спортисти.