Кошаркарскиот клуб Партизан, денеска објави во медиумите дека во следните шест години ќе има нов технички спонзор и тоа е на голема радост на нивните навивачи.
На новогодишниот коктел синоќа, првиот човек на клубот, Остоја Мијајловиќ, откри дека се договорени за спонзорство со спортската компанија „Најк“, која го следеше Партизан далеку во минатото, кога Партизан ја освојуваше првата титула во Евролигата, далечната 1992 година.
– Имам голема новост која сакам да ја споделам со црно-белите навивачи и сите наши обожаватели, ќе имаме нов технички спонзор следните шест години, тоа ќе биде една од најголемите компании за спортска опрема „Најк“. Морам на Жељко да му кажам дека во 1992 и 1998 година, Партизан ја носеше опремата на оваа компанија, па Жељко, гледај што ќе правиш следната година, порача Мијајловиќ, очигледно алудирајки на тоа дека клубот ќе има далеку појаки финансии за уште посилен ростер со кој евентуално би го напаѓале Ф4 и евентуално финишот на Евролигата.