Ѓоковиќ успешно стартуваше на САД опен, ги одмазди „браќата“!

Србинот, Новак Ѓоковиќ успешно ја почна одбраната на титулата на САД опен и нападот на 25-та грен слем титула во кариерата, откако го совлада Молдавецот, Раду Албот со 3:0 (6:2, 6:2, 6:4).

Победата против Албот на стартот на последниот грен слем сезонава беше 78-ма за Новак на САД опен, што е апсолутен рекорд во машка конкуренција. „Не бев свесен за тој факт“, изјави изненадениот Новак по мечот.

Ова беше прв дуел меѓу Ѓоковиќ и Албот во кариерите, а интересно е што Новак пред мечот откри дека Молдавецот претходно играл со неговите два брата (Марко и Ѓорѓе) и ги победил. Тој најави „одмазда“, и успеа.

Иако резултатски победета делува убедливо, не беше се’ идеално за Новак на мечот. Се мачеше на сервисот, имаше низок процент на успешност при првиот сервис, честопати се консултираше со својот тренерски тим и бараше инструкции од нив. Во еден момент дури побара и одредени таблети, бидејќи веројатно имаше одредени проблеми.

Во второто коло, во среда, Ѓоковиќ, како и лани, ќе игра против сонародникот, Ласло Ѓере кој во маратонски меч во пет сета го совлада Јан Ленард Штруф со 3:2.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО