Германија за прв пат во историјата се пласира во полуфинале на ОИ

Актуелниот светски шампион во кошарка, репрезентацијата на Германија, за првпат во историјата се пласира во полуфинале на Олимписките игри (ОИ). Германците ја  совладаа Грција со 76:63 (11:21, 25:15, 23:16, 17:11) во првиот четвртфинален натпревар одигран во Париз.

Грците почнаа фуриозно, поведоа со 18:6 по шест минути игра, а првата четвртина ја завршија со 10 поени предност (21:11). Но, она што следуваше беше будењето на избраниците на тренерот Горди Херберт, кои минатата година без пораз ја освоија титулата светски првак.

Германија до полувремето успеа да ја анулира грчката предност (36:36), а потоа, благодарение на одличната одбрана и на расположените Франц Вагнер и Денис Шредер целосно го надигра противникот во вториот дел.

Франц Вагнер беше најдобар стрелец кај победничката екипа со 18 поени. Шредер постигна 13 поени и седум асистенции. Јоханес Тиман искомбинира 10 поени и шест скока, а Исак Бонга постигна девет поени и имаше шест скока.

Јанис Антетокунмпо ги предводеше Грците со 22 поени. Томас Вокуп постигна 12, а Костас Папаниколау 10 поени и девет скока.

Во полуфиналето Германија го чека победникот од дуелот меѓу Канада и Франција кој ќе игра од 18 часот. Србија – Австралија играат од 14.30, а од 21 часот е последниот четвртфинален меч Бразил – САД.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО