Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација, Џенаро Гатузо, изјави дека е опседнат да обезбеди пласман на Светското првенство 2026, откако Италија ги пропушти двата последни мундијалски турнири.
Италија не успеа да обезбеди директно место на Светското првенство 2026, но ќе има дополнителна можност преку европските плејоф натпревари. Избраниците на Гатузо во март во Бергамо ги очекува натпревар против Северна Ирска, а во другото полуфинале ќе се сретнат Велс и Босна и Херцеговина. Победниците ќе играат во финалето за место на Светското првенство.
„Не смееме да ја направиме истата грешка како пред четири години против Северна Македонија. Нема лесни натпревари во модерниот фудбал“, рече Гатузо.
Италија нема настап на СП повеќе од една деценија, откако не успеа да се квалификува во 2018, а во полуфиналниот бараж во 2022 година загуби од македонската репрезентација во Палермо со 1-0.
„Мојата опсесија е да одиме на Светското првенство, да се вратиме таму каде што бевме многу години. Мораме да го сакаме тоа по секоја цена и не смееме да гледаме духови по почетните тешкотии“, наведе Гатузо.
ФОТО: ЕПА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА: