(ФОТО) Шпанците вредат над милијарда евра, познат е и најскапиот играч во историјата на „црвената фурија“

По завршувањето на две континентални натпреварувања, Европското првенство (ЕП) и Копа Америка, Трансфермаркт одлучи да ги ажурира вредностите на играчите кои блеснаа на нив.

Нови „цени“ добија вкупно 67 играчи, од кои 35 играа на ЕП, а 32 на Копа. Шестмина нови шампиони на Европа ја кренаа вредноста на Шпанија за 70 милиони евра, и сега тимот на „Ла Роха“ вреди повеќе од милијарда евра, вкупно 1,04 милијарди евра.

Најголем скок направи Ламин Јамал кој ја проби границата од 100 милиони евра, односно неговата вредност се зголеми за 30 милиони евра и сега изнесува 120.

„Скапоцениот камен“ на Барселона по 16-тиот роденден пред една година се проценуваше на 25 милиони евра, а сега стана првиот играч до 19 години со бројка од над 100 милиони евра.

Шпанските медиуми пишуваат дека Барса сега го користи Јамал како мамка за две посакувани летни засилувања, соиграчи од репрезентацијата. Каталонците се заинтересирани за Нико Вилијамс од Атлетик Билбао и за Дани Олмо од Лајпциг.

Цената на овие двајца играчи порасна за 10 милиони евра, исто како и на Родри, додека Фабијан Руиз и Марк Кукурела напредуваа за половина од таа сума.

Со вредност од 130 милиони евра, Родри е најскапиот шпански фудбалер во историјата, а Јамал е вториот најскап досега, со 120 милиони евра.

Двајца фудбалери ја покачија вредноста за по 15 милиони евра. Еден е поврзан со Шпанија, како член на Реал Мадрид. Тоа е младиот Турчин, Арда Ѓулер (19) чија вредност од 30, порасна на 45 милиони евра. Ѓулер го израмни турскиот рекорд, бидејќи такви суми пред него постигнаа Хакан Чалханоглу и Чаглар Сојунџу.

Рикардо Калафјори, иако Италија апсолутно потфрли, се издигна над соиграчите и од 30 „скокна“ на 45 милиони евра.

На Копа немаше поголеми скокови, а најголемо подобрување беше за пет милиони евра, колку што пораснаа цените на Аргентинците, Кристијан Ромеро (Тотенхем) и на Лисандро Мартинез (Манчестер јунајтед), како и на Колумбијците, Даниел Муњоз (Кристал палас) и Ричард Риос (Палмеирас).

Ромеро, 26-годишниот стопер, сега вреди 65 милиони евра и е меѓу 10-те најскапи дефанзивни фудбалери на светот. Риос, двојно ја зголеми цената, а од Јужна Америка пристигнуваат вести дека за него се интересираат клубови од Англија и од Италија.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО