(ФОТО) Алкалоид е освојувач на Супер купот на Македонија

Ракометарите на Алкалоид се победници во Супер купот на Македонија. Тие го совладаа актуелниот првак, Еурофарм Пелистер од Битола со 33:30 (19:14) во мечот што се одигра во Гевгелија.

Алкалоид, победникот во Купот на Македонија, го освои првиот пехар во новата сезона и се запиша во листата на освојувачи на овој трофеј.

Алкалоид демонстрираше модерна колективна игра која особено дојде до израз во првото полувреме. Противничкиот состав одржуваше ритам до 7:7, а потоа од минута во минута растеше водство на Алкалоид кој поведе со 14:10, и на полувреме замина со пет гола предност 19:14.

Во вториот дел Еурофарм Пелистер заигра подобро во одбраната и успеа набрзина да анулира два гола негатива и од тој момент па до крајот на мечот се играше борбено и израмнето, но Алкалоид успеа да ја одржи разликата и да слави победа.

Најефикасни во победничкиот тим беа Костески со осум, М. Митев со шест и Серафимов и Симоноски со по пет гола. Голманот Кизиќ имаше 12 одбрани. Кај пелистерци Кузмановски даде пет, а Манасков, Радивојевиќ, Хосни  и Павле Атанасијевиќ по четири гола.

 

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО