Фоден играч на годината во Англија, Палмер најдобар млад играч

Играчот од средниот ред на Манчестер сити, Фил Фоден, го доби признанието за најдобар играч на годината што го доделува Здружението на професионални фудбалери (ПФА) на Англија. За најдобар млад играч беше прогласен крилниот напаѓач на Челси, Кол Палмер.

За прв пат по сезоната 2009/10 двете највредни награди ги добиваат англиски фудбалери. Тогаш Вејн Руни и Џејмс Милнер ги добија признанијата за играч и за млад играч на годината.

Фоден постигна 19 гола на 35 меча ланската 2023/24 сезона во која Сити ја освои историската четврта последователна титула во Премиер лига. Тој на 23-годишна возраст стана најмладиот играч кој освоил шест шампионски титули во лигата.

За него ова е прво вакво прознание, откако двапати беше биран за најдобар млад играч.

Фоден победи во конкуренција на соиграчите од Сити, Ерлинг Халанд, кој го доби признанието минатата година, и Родри, како и Палмер од Челси, Мартин Одегард од Арсенал и Оли Воткинс од Астон вила кои беа на потесниот круг.

Палмер, 22-годишниот играч постигна 22 гола на 34 натпревари во Премиер лигата во првата сезона во дресот на Челси. Конкуренти на Палмер му беа Букајо Сака од Арсенал, дуото на Манчестер јунајтед, Коби Маино и Алехандро Гарначо, поранешниот играч на Кристал палас, Мајкл Олис и Жоао Педро од Брајтон.

Во женските категории, Кадија Шо од Манчестер сити ја доби наградата за играч на годината, а Грејс Клинтон од Манчестер јунајтед беше прогласена за најдобра млада фудбалерка.

Во тимот на годината во Премиер лигата, според гласањето на играчите, доминираа фудбалерите на Сити и на Арсенал.

Кајл Вокер, Родри, Ерлинг Халанд и Фил Фоден настапуваат за актуелниот шампион, а Дејвид Раја, Вилијам Салиба, Габриел, Деклан Рајс и Мартин Одегард играат за „топчиите“. Покрај нив во тимот се и дефанзивецот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк и напаѓачот на Астон вила, Оли Воткинс.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО