ФИФА спрема ново изненадување: СП 2034 ќе се игра во јануари?

Светското првенство (СП) 2034 година во Саудиска Арабија би можело да се одржи во необично време, во јануари…

ФИФА веќе донесе контроверзна одлука СП 2034 година да се одржи во Саудиска Арабија, по она во Катар во 2022 година, и сега спрема нов преседан. Проблемот е истиот како и со Катар, „жешко“ е во текот на летните месеци на Арапскиот полуостров, па поради тоа, како пред две години во Доха, се подготвува алтернативен термин.

Во Катар, Мундијалот се играше во ноември и во декември, а во Саудиска Арабија треба да биде во јануари! Тогаш температурите треба да бидат малку пониски, бидејќи во текот на јуни и јули се над 40 степени. Засега ова се само нагаѓања и се чека на реакција и одговор од ФИФА.

Саудиска Арабија планира да изгради неколку фантастични стадиони за СП, а најлуксузниот ќе биде оној што ќе го носи името на кралот Салман. Ќе чини речиси една милијарда евра, а ќе има 92.000 места.

Следното СП 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и во Канада, а ждрепката за европските квалификации ќе се одржи на 13 декември. Македонија ќе биде во третиот шешир. СП 2030 година ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Мароко.

Инаку, веќе се зборуваше за потенцијален бојкот на СП 2034 година во Саудиска Арабија поради грубото кршење на човековите права во оваа земја, која се повеќе инвестира во спортот за да го подобри својот имиџ во светот.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО