Она што претходните денови се шпекулираше, дека фајнал-форот во Евролигата за сезоната 2024/25 би можел да се одржи во Абу Даби, и покрај најавите дека Белград е главен кандидат, сега се оствари.
Одлуката е донесена на Генералното собрание на Евролигата, пренесуваат неколку сигурни кошаркарски медиуми ширум Европа.
Ова ќе биде прв настан од сличен тип надвор од европскиот континент, но и уште еден доказ колку длабоко Блискиот Исток е навлезен во европската кошарка. Се’ почна со влезот на Дубаи во АБА лигата сезонава. Од 13-те евролигашки акционери, дури 11 гласале за Абу Даби, а само двајца за Белград.
„Етихад арена“ со капацитет од 18.000 места, од 23 до 25 мај 2025-та, ќе биде домаќин на најголемиот клупски настан во европската кошарка, по што останува прашањето што ќе значи тоа за иднината на овој спорт на Стариот континент.