Фудбалскиот клуб (ФК) Енџел сити со седиште во Лос Анџелес стана најскапиот женски спортски тим во светот по купопродажбата за 250 милиони долари. Клубот го купија Вилоу Беј и Боб Ајгер, извршен директор на компанијата Волт Дизни, кои ќе станат новите сопственици.
Таа инвестиција е најголема досега во женски професионален спортски тим. Претходно тим со најголема вредност, Сан Диего Вејв, во март годинава беше продаден за 120 милиони долари.
Поранешниот сопственик на Енџел сити, основачот на Редит, Алексис Оханијан, кој е оженет со тениската ѕвезда, Серена Вилијамс, ќе остане во одборот и рече дека клубот „може да биде најголемиот бренд во сите женски професионални спортови“.
Беј и Ајгер, исто така, најавија дека ќе инвестираат дополнителни 50 милиони долари за идниот раст на клубот. Енџел сити е основан во 2020-та, но до 2023 година генерирал најголема заработка меѓу сите женски тимови во светот.