Дивац за Дражен: Беше најдобар меѓу нас

Во пресрет на кошаркарскиот меморијален меч посветен на Дражен Петровиќ, во Загреб се собраа многубројни ѕвезди од светот на кошарката. Дојдоа поранешните хрватски кошаркари Дино Раѓа, Гордан Гиричек, Тони Кукоч, како и поранешни ѕвезди од регионот, меѓу кои Владе Дивац и Жарко Паспаљ.

Токму Дивац, легендата на српската и на светската кошарка, застана пред микрофоните и кажа неколку зборови за Петровиќ.

– За жал, не’ напушти многу млад. Беше најдобар меѓу нас, мило ми е што сум денеска овде. Тажно е што не е меѓу нас, но убаво е што со ваков настан се сеќаваме на најдобрите меѓу нас, што помладите знаат кој беше Дражен, дека ни ја отвори вратата на сите нас и оти сеќавањата никогаш нема да избледат.

Дражен, пред се’, беше работник. Сите имавме талент, но тој со својата работа ги достигна височините. Никогаш не се откажуваше, беше борец. За жал, замина кога требаше да ги оствари своите соништа и да стане еден од најдобрите играчи во НБА лигата. Н е беше Ол-стар, но за мене беше, рече Дивац.

Тој во краткото интервју за Спорт клуб кажа и по што ќе го памети Дражен.

– Би го истакнал моментот кога имав 14 години, тој имаше некое интервју. Сонував дека еден ден ќе играм кошарка. Не мина многу време и игравме заедно во репрезентацијата и еден против друг на многу натпревари. Го почитував многу, дефинитивно за мене, тој е најдобриот играч во Европа на сите времиња, истакна Дивац.

Дивац во НБА лигата пристигна 1989 година од Партизан. Играше за ЛА Лејкерс, Шарлот хорнетс и Сакраменто кингс, со просек од 11,8 поени и 8,2 скока на повеќе од 1.100 натпревари.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО