Димевски: 2026 ја дочекуваме со повисоки цели и силна вера во олимпискиот сон

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, упати новогодишна порака до спортистите, тренерите, спортските работници и љубителите на спортот, нагласувајќи дека 2025 година останува запаметена како период на големи успеси и историски чекори за македонскиот спорт.

Димевски истакна дека изминатата година не била само уште еден календарски циклус, туку време исполнето со храбри одлуки и натчовечки напори што го зацврстија олимпискиот дух во државата.

-Секоја препрека ја претворивме во скалило кон успехот, порача тој, нагласувајќи ја важноста на единството и визијата.

Еден од најголемите триумфи, потенцира претседателот на МОК, е фактот што Скопје стана олимписки град преку успешното организирање на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ). Според него, енергијата што младите спортисти од цела Европа ја донесоа во главниот град е трајно наследство што го вградува Скопје на светската олимписка мапа. Тој додаде дека ЕМОФ претставува огромно национално богатство и силен импулс за развојот на македонскиот спорт во годините што следат.

Во пораката, Димевски ја истакна и решителноста со која МОК влегува во новата 2026 година. Според него, мисијата останува непроменета – поддршка на спортистите, нивна заштита и обезбедување подобри услови за меѓународни успеси.

-Сакаме олимпискиот сон да биде мотив за секое дете, а успесите на шампионите – гордост за секој македонски дом, нагласи тој.

На крај, претседателот на МОК им посака добро здравје, фокус и мудрост на спортистите и спортските работници, а на граѓаните на Македонија – мир, хармонија и причина за заеднички радости со македонскиот спорт.

Фото: МОК

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО