Данска ја освои титулата со најголемата победа во историјата на олимписките финалиња

Ракометарите на Данска, актуелните, трикратни светски шампиони, ја потврдија надмоќта освојувајќи го второто олимписко злато со најубедливата победа во историјата на олимписките финалиња, совладувајќи ја Германија со 39:26 (21:12).

Финалниот меч беше решен во првиот дел од првото полувреме, кога избраниците на Николај Јакобсен поведоа со 12:5, со серија од 6:0 во 15. минута. Во 23. минута веќе беше 19:9 за Данците, кои на полувреме заминаа со +9 (21:12). Предноста на Данците продолжи да расте и во вториот дел, до +15 (35:20) во 49. минута.

Данските стрелци ги предводеше Матијас Гидсел со 11 гола. Магнус Ландин постигна седум, а Сајмон Питлик шест гола. Никлас Ландин имаше 10 одбрани.

Најдобар стрелец во германската репрезентација беше Јури Нор со шест гола, а по четири постигнаа Ренарс Ушинс и Јаник Колбахер.

Данска стана првата репрезентација по Хрватска која освоила олимписко злато победувајќи на сите натпревари. Хрватските ракометари тоа го постигнаа освојувајќи го второто олимписко злато во 2004 година во Атина.

Со две злата и едно сребро Данците ја минаа Хрватска која има две злата и една бронза. Германците останаа на едно злато освоено како ДДР во 1980 година во Москва, а ова им е трето сребро.

По петти пат во историјата бронзениот медал го освои репрезентацијата на Шпанија која во утринската програма на последниот ден од овие Игри ја совлада Словенија со 23:22.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО