Чехот Забустран сензационален победник на супервелеслаломот во Вал Гардена

Чешкиот скијач Јан Забустран е сензационален победник на супервелеслаломот што денеска во рамки на Светскиот куп се одржа на патеката Саслонг во италијанскиот центар Вал Гардена.

Кога речиси сите мислеа дека најдобриот скијач на денешницата, 28-годишниот Швајцарец Марко Одермат, ќе победи втор ден по ред во супервелеслаломот во Вал Гардена, 27-годишниот Чех се појави на стартот со реден број 29 и ја мина патеката долга 2.415 метри со најдобро време од 1:24,86 минути.

Забустран беше за 22 стотинки побрз од Одермат и ја забележа првата победа во својата кариера. Ова беше негов 57 настап на трка од Светскиот куп, а неговиот претходен најдобар резултат беше на почетокот на март во норвешки Квитфјел, каде го освои осмото место во супервелеслалом.

Прв пат на подиумот во својата кариера се искачи и 24-годишниот Италијанец Џовани Францони, кој го освои третото место во Вал Гардена, заостанувајќи 37 стотинки зад победникот.

ФОТО: Фејсбук

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО