Реал Мадрид доживеа убедлив пораз од 5-2 во дербито со Атлетико Мадрид, прв под водство на Чаби Алонсо. По мечот, тренерот призна дека тимот не бил на потребното ниво и дека проектот што го гради е сè уште во развој.
„Одигравме лош натпревар, ниту колективно, ниту индивидуално. Не бевме на висина ниту со топка, ниту без неа. Ова е прв пораз сезонава, но ќе продолжиме напред. Нема оправдувања, поразот беше заслужен. Ова е дерби и навистина боли кога вака ќе се загуби“, изјави Алонсо.
Тој посочи дека недостатокот на интензитет и концентрација бил клучен:
„Не се натпреварувавме на нивото што го бара ваков меч. Во дуелите бевме пасивни, со топка не наоѓавме решенија, а играта не течеше. Атлетико нè притискаше и ние не успеавме да одговориме.“
Алонсо додаде дека вината е исклучиво во играта на тимот, без врска со судиите:
„Ова што се случи нема врска со судиските одлуки. Поразот беше заслужен.“