Кошаркарскиот клуб Пелистер, градот Битола и салата „Боро Чурлевски“, од 15-ти до 17-ти февруари, ќе бидат домаќини на фајнал-8 турнирот за Купот на Македонија, „Благоја Георгиевски Буштур“.
На денешната прес-конференција, претставниците на осумте екипи, учеснички на турнирот, говореа за очекувања од претстојните дуели.
МЗТ Скопје Аеродром, бранителот на трофејот, во четвртфиналето ќе игра против Гостивар.
– Одиме на 12-та куп титула. Гостивар има искусен тренер и знае како се играат вакви натпревари. Нема да биде лесно, но ние одиме на победа и на освојување на трофејот, рече Марко Миловановиќ, талентираниот играч на аеродромци.
Јордан Давитков, тренерот на Гостивар, очекува неизвесни натпревари на турнирот.
– Екипите се доста израмнети. Сите ќе мора да се помачат за да дојдат до победа. Во купот нема фаворити, се случуваат изненадувања, нека победи најдобриот. За МЗТ Скопје не треба да се трошат многу зборови, последниве години тие се најдобрата екипа, рече Давитков.
Во другите натпревари ќе играат дебитантот во куп завршницата, Чаир и Еуро Никел, потоа Работнички против градскиот ривал ТФТ и Пелистер – Феникс.
Организаторот на турнирот се реши за популарни цени на билетите, 100 денари за целодневна програма, односно за 300 денари може да се следат сите атпревари на турнирот.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
Четвртфинале (15.02.)
(1) МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар (12 часот); (2) Еуро Никел – Чаир (14.30 ч.); (3) Работнички – ТФТ (17 ч.) и (4) Пелистер – Феникс (19.30 ч.)
Полуфинале (16.02.)
(5) Победник 1 – Победник 3 (17 ч.); (6) Победник 2 – Победник 4 (19.30 ч.)
Финале (17.02.)
Победник 5 – Победник 6 (18 ч.)