Белорускиот пливач, Ихар Боки (30) стана најуспешниот спортист во историјата на Параолимписките игри (ПОИ), откако во Париз го освои 20-от златен медал во кариерата.
Боки 20-то злато го освои во дисциплината 50 метри слободно, во категоријата С13, во која се натпреваруваат спортисти со оштетен вид.
„Белорускиот Мајкл Фелпс“, како што многумина го нарекуваат, се натпреварува под неутрално знаме во Париз, а победи и на 100 метри пеперутка, 100 метри грбно и на 400 метри слободно и го надмина канадскиот пливач, Мајкл Еџсон, кој има 18 злата и три сребра.
Во Белорусија тој е одликуван со Орден за заслуги за татковината и има печат со неговиот лик.
Апсолутна рекордерка е американската пливачка, Триша Зорн-Хадсон. Во текот на кариерата „кралицата“ на ПОИ освои дури 55 медали, од кои 41 златен! Зорн-Хадсон, која е родена со генетско нарушување на очите по што ослепела, учествуваше на седум ПОИ.
Таа дебитираше во Арнем 1980 година, на 16 години и освои седум златни медали. Најуспешна беше во Сеул 1988 година, каде што освои дури 12 златни медали, од кои 10 во поединечна конкуренција. Успешната кариера ја заврши во Атина 2004 година.
Покрај Боки, 20 златни медали има освоено и француската пливачка, Беатрис Хес, која има освоено вкупно 25 медали.