Фудбалскиот сојуз на Белгија го отпушти тренерот Доменико Тедеско (39) по серијата лоши резултати. Неколку недели се очекуваше дека Тедеско ќе добие отказ, особено откако не се појави на ждрепката за квалификациските групи за СП 2026 година.
Под водство на Тедеско, Белгија едвај се пласираше во осминафиналето на минатогодишното Европско првенство, а во Лигата на нации го освои третото место со само една победа во шест натпревари. Овие резултати се во целосна спротивност со оние на почетокот на неговиот мандат, кога имаше серија од 13 натпревари без пораз.
Резултатскиот пад на белгиската репрезентација започна по судирот на Тедеско со првиот голман Тибо Куртоа, поради што голманот на Реал Мадрид одлучи дека повеќе нема да брани за националниот тим. Главен кандидат за наследник на Тедеско е Тиери Анри, кој му беше помошник на поранешниот тренер Роберто Мартинез.
Белгија е противник на Македонија во кавлификациите за пласман на СП во 2026 година. Во групата Ј покрај Белгија и Македонија се и Казахстан, Велс и Лихтенштајн.