Англија остана без селектор. Герет Саутгејт поднесе оставка

Селекторот на Англија, Герет Саутгејт поднесе оставка по вториот последователен пораз во финалето на Европското првенство (ЕП), од Шпанија, 1:2. На минатото ЕП, Англија загуби од Италија во финалето, на пенали.

Саутгејт (53) за осум години како селектор ја предводеше својата земја на 102 натпревари, со ефект од 61 победа, 24 ремија и 17 порази.

– Како горд Англичанец, ми беше чест во животот да играм за Англија и да раководам со Англија како селектор. Тоа ми значеше се’, дадов се’ од себе. Но, време е за промени и за ново поглавје, изјави Саутгејт.

Извршниот директор на Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија, Марк Булингем рече дека процесот за назначување на наследникот на Саутгејт е почнат и „наша цел е новиот селектор да биде потврден што е можно поскоро“.

Тој додаде дека ФА „има привремено решение доколку е потребно“ и нема да коментира дополнително за процесот додека не биде назначен новиот шеф. Следниот натпревар на Англија е против Република Ирска, во Лигата на нации (ЛН) на 7 септември.

Саутгејт ја предводеше Англија на четири големи турнири, на кои стигна до две финалиња на ЕП, а на Светското првенство (СП) 2018-та до полуфиналетото, односно до четвртфиналето во 2022 година.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО