Алкараз се повлече од следниот Мастерс

Најдобриот светски тенисер Карлос Алкараз се повлече од претстојниот Мастерс 1000 турнир во Шангај, а тоа би можело да доведе до промена на врвот на АТП листата.

Алкараз го победи Американецот Тејлор Фриц (АТП:5) со 6:4, 6:4 во финалето на АТП 500 турнирот во Токио, стигнувајќи до својот осми трофеј во сезоната и 24-ти вкупно во неговата професионална кариера.

Сепак, во текот на целиот турнир имаше проблеми со повредата на зглобот, која ја доби во првото коло во дуелот против Себастијан Баез. Иако имаше тешкотии со движењето до крајот на турнирот, успеа да го освои трофејот.

Но, тој не може да оди на Мастерс во Шангај. Попладнето, Алкараз официјализираше дека нема да учествува на најголемиот турнир во Кина, а причината е фактот дека му е потребен одмор и дополнителни прегледи на зглобовите кои ќе утврдат каков третман му е потребен.

Ова одеднаш му отвори шанса на Јаник Синер да се врати на првото место на 27 октомври.

Имено, доколку Синер ги освои претстојните три турнири (Пекинг, Шангај и Виена), тој ќе се врати на врвот на АТП листата побрзо отколку што очекуваше секој. Да потсетиме дека Алкараз му го одзеде првото место со победата во финалето на Отвореното првенство на САД.

Синер нема да има лесна задача да ги освои претстојните три турнири, но ќе биде фаворит број еден на сите нив, особено кога Алкараз не е во ждрепката.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО