Во 72. минута од натпреварот меѓу Хрватска и Албанија, албанскиот селектор, Бразилецот Силвињо, ја направи втората измена и на местото на стрелецот на водечкиот гол, Ќазим Лачи го внесе Клаус Ѓасула.
Во преостанатото време од мечот тој од трагична фигура стана херој. По само две минути откако влезе во игра, Хрватска израмни на 1:1 преку Андреј Крамариќ, а потоа Ѓасула во 76-та се најде на погрешно место во погрешно време.
Анте Будимир ја прими топката на левата страна од 16-те метри, и да го проигра Лука Сучиќ на пет метри. Ударот на Сучиќ на гол-линијата го блокираше капитенот, Берат Џимсити, потоа топката се одби од ногата на Ѓасула и заврши во мрежата.
Но, во 95. минута Ѓасула по продорот на Арбер Хоџа остана сам во средината на шеснаесетникот на Хрватска и успеа да го совлада Доминик Ливаковиќ, за конечни 2:2.
Статистичарите издвоија необична информација која Ѓасула го стави во преден план. Тој на вчерашниот натпревар стана првиот играч во историјата на Европските, но и на Светските првенства кој влегол во игра од клупата за резерви, постигна автогол и гол!