Претседателот на АФА ги смири Аргентинците: Не наседнувајте на лаги и теории на заговор, Шпанија беше подобра

Претседателот на Фудбалската асоцијација на Аргентина (АФА), Клаудио „Чики“ Тапија, им се обрати на навивачите по поразот од Шпанија во финалето на Светското првенство 2026, апелирајќи да не се шират лаги и теории на заговор.

По поразот во финалето, во Аргентина почнаа да кружат различни тврдења за наводни надворешни притисоци, вмешаност на разузнавачки служби, закани кон семејствата на репрезентативците и други објаснувања за неуспехот во борбата за одбрана на светската титула.

Претходно, селекторот Лионел Скалони и неговиот помошник Роберто Ајала ги отфрлија ваквите шпекулации, признавајќи дека Шпанија заслужено победила, а сега истата порака ја испрати и Тапија.

„Не наседнувајте на лаги. Тие беа супериорни и нè победија чесно“, напиша Тапија на социјалните мрежи.

Во подолгото обраќање, првиот човек на аргентинскиот фудбал ја повика нацијата достоинствено да го прифати поразот.

„Не можевме да ја победиме Шпанија. Беа подобри, нè победија чесно и тоа мора да го признаеме. Во спортот се учи и така што поразите се прифаќаат со истата достоинственост со која се слават победите“, порача тој.

Тапија истакна дека поразот е болен, но не смее да го засени сето она што оваа генерација го направила за аргентинскиот фудбал.

„Да, го загубивме финалето. Но, вистина е и дека оваа група ѝ донесе огромна радост на нашата земја. Поразот боли. Боли затоа што сме натпреварувачи, затоа што сме најуспешната репрезентација во историјата и затоа што второто место никогаш не ни е доволно. Боли затоа што сме навикнати да се бориме до крај и затоа што и понатаму сме една од двете најдобри репрезентации во светот“, рече претседателот на АФА.

Тој посебно ја нагласи жртвата на фудбалерите и стручниот штаб за време на турнирот.

„Застанете за момент. Помислете на жртвата на овие играчи, стручниот штаб и сите луѓе кои повеќе од 50 дена беа далеку од своите семејства, со една цел – да ја претстават Аргентина на најдобар можен начин“, истакна Тапија.

Воедно испрати и јасна порака против, како што рече, обидите за дестабилизација на националниот тим.

„Не дозволувајте да ве водат лаги или конструкции чија единствена цел е да ја дестабилизираат репрезентацијата. Доста беше од обидите да се свртиме против луѓето кои толку многу му дадоа на нашиот фудбал. Денес е време да им се заблагодариме, да ги поддржиме и да им оддадеме признание на овие играчи, кои уште еднаш дадоа сè за дресот“, порача Тапија.

На крајот нагласи дека нема место за изговори.

„Теориите доаѓаат и си заминуваат. Посветеноста, работата и срцето на нашата репрезентација остануваат засекогаш. Тука нема изговори. Тука се игра фудбал. И оваа репрезентација ќе продолжи да ја претставува Аргентина со истата гордост како и секогаш“, заклучи претседателот на АФА.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО