Она што ФИФА го претстави како мерка за заштита на здравјето на фудбалерите, денес се претвора во една од најпрофитабилните иновации во историјата на СП.
Триминутните паузи за хидратација, воведени на Светското првенство 2026, отворија нов рекламен простор што на телевизиските компании и на ФИФА им носи приходи од стотици милиони долари.
ФИФА ги воведе паузите за хидратација поради високите температури во САД, Мексико и Канада, каде се игра Светското првенство. Наместо да се применуваат само при екстремни временски услови, како што беше досега, паузите станаа стандард и се прават околу 22. и 67. минута. Но, токму тие неколку минути создадоа можност за телевизиите да емитуваат реклами среде натпревар – нешто што досега речиси не постоеше во фудбалот.
Францускиот селектор Дидие Дешан остро го критикуваше новиот модел.
„Така се прекинува ритамот на играта, но индустријата е среќна затоа што има повеќе реклами. Наскоро ќе играме во четири четвртини“, изјави Дешан.
Податоците покажуваат колку е голема финансиската добивка. Според компанијата iSpot, цитирана од Forbes, Светското првенство 2026 веќе учествува со околу 13 проценти во вкупниот телевизиски рекламен простор во живо во САД, додека на Мундијалот во Катар во 2022 година тој удел изнесуваше само 2,77 проценти.
Со зголемувањето на бројот на натпревари од 64 на 104, како и со воведувањето на паузите за хидратација, бројот на телевизиски реклами речиси тројно се зголемил.
Во Франција, една реклама од само 20 секунди за време на овие паузи достигнувала цена од околу 425.000 евра, што е речиси на нивото на рекламите за време на продолженијата или пенал-сериите.
Американската телевизија Fox е меѓу најголемите добитници од новиот модел. Според The Hollywood Reporter, рекламите од 30 секунди за време на натпреварите чинат меѓу 200.000 и 750.000 долари. Со вкупно 624 минути паузи за хидратација во текот на 104 натпревари, се проценува дека само овој дополнителен рекламен простор може да донесе повеќе од 500 милиони долари приходи.
Тоа е повеќе од сумата што телевизијата ја платила за телевизиските права за циклусот на Светските првенства во 2022 и 2026 година.
Успехот на новиот модел веќе го зголеми интересот за следните телевизиски права. Според Forbes, за Светските првенства во 2030 и 2034 година понудите за американскиот пазар би можеле да започнат од една милијарда долари, а во пакет да достигнат и две милијарди долари.
Покрај традиционалните спортски телевизии, интерес покажуваат и стриминг гиганти како Netflix, Amazon, Apple, YouTube, Disney и ESPN, привлечени од новите можности за рекламирање.
Светското првенство 2026 веќе ѝ донесе на ФИФА приходи од околу 3,925 милијарди долари, што е 36 проценти повеќе во споредба со Мундијалот во Катар. Сепак, не сите телевизии го прифатија моделот. Додека американскиот Fox, францускиот M6, DAZN и beIN Sports емитуваа реклами за време на паузите, британскиот ITV, германските јавни сервиси ARD и ZDF, како и бразилскиот Globo, продолжија да ја прикажуваат сликата од теренот.
Иако УЕФА засега соопшти дека нема намера да воведе вакви комерцијални паузи во Лигата на шампионите или Европското првенство, јужноамериканската конфедерација КОНМЕБОЛ веќе најави дека од 2026 година ќе воведе 90-секундни паузи за хидратација во Копа Либертадорес и Копа Судамерикана.
Така, мерката што првично беше претставена како заштита на здравјето на играчите сè повеќе се претвора во нова формула за огромни приходи и можеби ќе стане траен дел од модерниот фудбалски бизнис.