Македонската машка кошаркарска репрезентација со победа го почна настапот на Европското првенство во Б Дивизијата за кошаркари до 20 години, откако вечерва во Братислава го совлада домаќинот Словачка со 71: 63 во рамки на воведното коло од групата А.
Почетокот беше резултатски израмнет и откако Словаците имаа минимална предност по првата четвртина (17:15), македонските кошаркари одиграа извонредни десет минути во вториот период. Со цврста одбрана, агресивен пристап и разновидна игра во нападот, избраниците на селекторот Никола Велев целосно ја презедоа контролата врз натпреварот и на полувреме заминаа со предност од 41:28.
Македонската репрезентација уште посилно го отвори второто полувреме и со серија од 10:0 ја зголеми разликата на највисоки 51:28.
Сепак, домаќинот не се предаде и Словачка возврати со серија од седум неодговорени поени, а до крајот на третата четвртина ја намали негативата на 54:46.
На почетокот на последниот период Словаците се доближија и на само пет поени негатива (57:52), но во клучните моменти македонските кошаркари со серија поени ја вратија двоцифрената предност (64:52) и заслужено стигнаа до првиот триумф на шампионатот.
Најефикасен во македонскиот состав беше Коста Ќириловски со 15 поени, сите постигнати во првото полувреме. Марко Луканоски беше на чекор до „дабл-дабл“ ефект со 11 поени и девет скокови, додека Давид Петрушевски натпреварот го заврши со 10 поени и пет скокови.
Противник на македонските кошаркари во утрешното второ коло ќе биде репрезентацијата на Ирска, која денеска беше слободна.