Жозе Мурињо, повторно ќе б иде тренер на Реал. Ова синоќа го потврди Флорентино Перез, по победата на претседателските избори. Португалецот започна да го комплетира тренерскиот штаб за својот втор мандат во Реал Мадрид.
Португалскиот тренер е познат по тоа што сака да има поранешен играч на клубот до себе, а според информациите на Рамон Алварез де Мон, избраниот кандидат за таа улога би можел да биде Пепе, пишува „Марка“.
Пепе помина десет сезони во Реал Мадрид, од 2007 до 2017 година, а Мурињо го водеше за време на неговиот прв мандат на клупата. Бескомпромисен стопер и миленик на навивачите, чиј престој во клубот беше обележан и со озлогласениот судир со Каскера, за кој заработи значителна суспензија од дисциплинската комисија. Ја заврши кариерата во 2024 година во Порто.
Со Реал, меѓу другото, освои три Лиги на шампиони, три шпански првенства, два Кралски купа, две Светски клупски првенства и два Суперкупа на УЕФА. Беше запаметен по своите лидерски вештини на теренот и неговата одлична дефанзивна игра.
За време на неговиот прв мандат, Мурињо, по препорака на Фернандо Ијеро, го назначи Аитор Каранка за помошник тренер, иако претходно не го познаваше. Каранка подоцна изгради своја тренерска кариера.
Пепе ужива целосна доверба од Мурињо, а португалскиот стручњак особено го цени неговото искуство и познавање на клубот, што го прави идеален за потребната улога.
Доколку се приклучи на стручниот штаб, поранешниот играч на Реал ќе работи заедно со Тралау и Мачадо (асистенти на Мурињо), Мерела (аналитичар), Антонио Дијас (тренер за кондиција) и Нуно Сантос (тренер на голмани).
Foto:Epa