Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, престојуваше во Скопје по повод одржувањето на 11. издание на ФИБА Европската конвенција за минибаскет, која во изминатите четири дена успешно беше организирана од страна на Кошаркарската федерација на Македонија, во соработка со ФИБА Европа и ФИБА Фондацијата.
Во рамките на својата кратка посета на македонската престолнина, првиот човек на европската кошарка упати силна поддршка за работата на раководството на федерацијата и за насоката во која се развива македонската кошарка.
„Драго ми е што Македонската кошаркарска федерација е повторно на вистинскиот пат“, истакна Гарбахоса за време на заедничката вечера со учесниците на конвенцијата, притоа изразувајќи задоволство од организацијата и од посветеноста која федерацијата ја покажува во развојот на кошарката кај најмладите категории.