Најдобриот светски тенисер во моментов, Јаник Синер, и рекордерот по бројот на гренслем-титули, Новак Ѓоковиќ, се најдоа во различни половини од ждрепката за претстојниот Ролан Гарос, што значи дека евентуална пресметка меѓу нив би можела да се случи дури во финалето во Париз.
Италијанецот на вториот гренслем во сезоната пристигнува со неверојатна серија од 29 победи по ред, а турнирот ќе го отвори против Французинот Клемен Табур, кој доби специјална покана за настап.
Синер во Париз ќе се обиде да го комплетира и кариерниот гренслем, односно да освои титули на сите четири најголеми турнири.
Новак Ѓоковиќ, пак, ќе ја започне потерата по историската 25. гренслем-титула против Французинот Џовани Перикар, еден од највисоките тенисери на турнирот со висина од 203 сантиметри.
Српскиот ас веќе во третото коло би можел да се сретне со големата бразилска надеж Жоао Фонсека, додека во неговата половина од ждрепката се наоѓа и Александер Зверев, минатогодишниот финалист во Париз, кој настапот ќе го почне против Французинот Бенџамин Бонзи.