Легендарниот Луис Суарез е подготвен за уште еден последен танц. Најдобриот стрелец во историјата на Уругвај (69 гола) објави дека повторно му стои на располагање на селекторот Марсело Биелса за претстојното Светско првенство во 2026 година.
Оваа одлука доаѓа како големо изненадување, со оглед на тоа што „Ел Пистолеро“ по повлекувањето во септември 2024 година јавно го критикуваше методот на работа на Биелса, тврдејќи дека атмосферата во тимот е нарушена.
Сепак, 39-годишниот напаѓач на Интер Мајами сега открива дека ги „пеглал“ односите со оние со кои било потребно.
„Никогаш не би рекол ‘не’ на репрезентацијата ако им требам, особено кога се ближи Светско првенство. Во тоа време се повлеков за да им направам простор на помладите, но кажав некои работи што не требаше. Веќе им се извинив на луѓето на кои требаше да им се извинам“, изјави Суарез за агенцијата ЕФЕ.