Дебитантот на одбојкарскиот куп Вардар ЕМ е освојувач на 33. издание во женска конкуренција, откако во финалето со 3:0 (25:22, 25:12, 25:22) го победи бранителот на титулата Наковски Волеј. Ова за „црвено-црните“ е историски прв трофеј.
Одбојкарките на Вардар ЕМ два сета добија со 25:22, а во вториот беа убедливи и на противничките им дозволија само 12 поени.
Тимот на тренерот Јован Шапе покажа константност која стартуваше во осминафиналето по победата над Фит Фан Волеј, потоа го елиминираа фаворит, Работнички Скопје, а потоа во полуфиналето ги „исфрлија“ и Газели Волеј. Ниту бранителот и еден од најсериозните кандидати за шампионската титула Наковски Волеј не успеја да им застане на патот.
Капитенот на Вардар ЕМ Ана Јаничиќ беше прогласена и за најкорисен играч на Купот на ОФМ 2026 во женска конкуренција.
Фото:МИА