Претседателот на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), Џани Инфантино, смета дека е потребно да се исклучуваат играчите кои си ги покриваат устата за време на вербалните судири со ривалите.
– Ако играчот си ја покрие устата и каже нешто со расистичка конотација, очигледно треба да биде исклучен. Мора да претпоставиме дека рекол нешто што не требало да го каже, инаку нема да мора да ја покрие устата, изјави Инфантино, за „Скај њуз“.
Според претседателот на ФИФА, ваквите мерки би покажале сериозна посветеност на борбата против расизмот во спортот. Тој исто така истакна дека на фудбалерите кои направиле прекршоци треба да им се даде можност да се извинат.
– Во напад на гнев, можете да направите нешто за кое подоцна ќе се каете. Тогаш санкцијата треба да биде поинаква. Треба да направиме чекор напред и можеби да размислиме и за ова, додаде Инфантино.
На 17 февруари, за време на првиот натпревар од плејофот на Лигата на шампионите помеѓу Реал Мадрид и Бенфика (1:0), Винисиус се стрча кон судијата и се пожали дека Џанлука Престијани го нарекол „мајмун“ покривајќи ја устата со дресот.
Играчот на Бенфика негираше дека расистички го навредил Бразилецот. УЕФА го суспендираше Престијани од реваншот, кој се одржа на 25 февруари во Мадрид (2:1 за Реал). Истрагата е во тек.
Фото: МИА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА: