Англискиот репрезентативец од редовите на Евертон, Џек Грилиш, ќе го пропушти остатокот од сезоната поради фрактура на ногата, што ги загрозува неговите надежи да настапи на Светското првенство во САД, Мексико и Канада.
Грилиш, кој е позајмен од Манчестер Сити, веројатно ќе треба да се оперира откако претрпе фрактура во победата на Евертон од 1-0 над Астон Вила на 18 јануари.
„Сметаме дека веројатно ќе му треба операција, но тоа сè уште не е целосно потврдено, што веројатно ќе го исклучи до крајот на сезоната“, изјави денеска тренерот на Евертон, Дејвид Мојс.
„Навистина е разочарувачки за играчот, за клубот и за сите нас тука. Тој е толку важен дел од тимот, тој е одлична личност и голем капитал за нас. Затоа многу ќе ни недостига“, додаде стратегот на Евертон.
Грилиш (30), последен пат играше за Англија против Финска во октомври 2024 година, но неговите добри настапи го приближија повторно до репрезентацијата на Англија.
Светското првенство започнува на 11 јуни, а Англија е во група со Хрватска, Гана и Панама.
ФОТО: ЕПА