Тренерот на Челзи, Енцо Мареска, ги демантираше денеска информациите дека е потенцијален наследник на Пеп Гвардиола во Манчестер Сити, посочувајќи дека станува збор за стопроцентна шпекулација.
Мареска работеше во Манчестер Сити како помошник тренер и пристигна во Челзи во 2024 година. Во својата прва сезона во лондонскиот клуб го освои трофејот во Лигата на конференции, а потоа и титулата на Светското клупско првенство во јули, победувајќи го во финалето актуелниот европски првак ПСЖ.
Спортскиот портал „Атлетик“ претходно оваа недела објави дека 45-годишниот италијански стратег е главен кандидат за наследник на Пеп Гвардиола во Сити, доколку Шпанецот одлучи да го напушти тимот од „Етихад“.
„Воопшто не ме засега, бидејќи знам дека станува збор за 100% шпекулација. Во моментов не е време за тоа, особено затоа што имам договор тука до 2029 година, рече Мареска на прес-конференција пред дуелот против Њукасл овој викенд во Премиер лигата.
„Многу пати сум го кажал тоа, целосно сум фокусиран на овој клуб и сум исклучително горд што сум тука. Тоа се шпекулации. Пред една недела во Италија бев поврзуван со Јувентус. Не обрнувам внимание на тоа бидејќи знам дека не е вистина. Сега е важно да се открие причината зошто се појави оваа вест. Но, тоа не е моја работа – не ме интересира“, рече Мареска.
ФОТО: ЕПА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА: