Италијанскиот репрезентативец Џакомо Распадори би можел многу брзо да се врати во својата татковина, само неколку месеци по трансферот во мадридски Атлетико. Иако во Шпанија пристигна со големи очекувања, тој засега не успева да се наметне како стандарден избор во тимот на Диего Симеоне.
Распадори во летниот преоден рок дојде од Наполи во Атлетико Мадрид за сума од околу 22 милиони евра. Сепак, ограничената минутажа и силната конкуренција во нападот направија тој да не добие доволно шанси за да ја покаже својата вистинска форма.
И покрај тоа што запиша неколку настапи, меѓу кои и асистенција на натпревар против Ливерпул и постигнат гол во дуелот против Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на шампиони, неговиот вкупен учинок не го убедил стручниот штаб дека треба редовно да биде во стартниот состав.
Поради тоа, сè почесто се зборува за можен трансфер назад во Серија А. Како најсериозна опција моментално се споменува Рома, која е заинтересирана да го доведе напаѓачот на позајмица до крајот на сезоната, со опција за откуп следното лето.
„Волчицата“ е подготвена да плати сума од 20 до 22 милиони евра за целосен трансфер, што практично би ги покрило трошоците кои Атлетико ги вложи во неговото доведување од Наполи. Контакти меѓу двата клуба веќе се остварени, а според информации од блиски извори, и самиот Распадори е заинтересиран за враќање во Италија, каде што се чувствува покомфорно и каде што неговиот стил на игра би можел подобро да дојде до израз.
Доколку преговорите продолжат во позитивен правец, трансферот би можел да биде реализиран веќе во претстојниот зимски преоден рок.
.