Дисциплинскиот комитет на ФИФА донесе строги мерки против Фудбалската асоцијација на Малезија (ФАМ) и седум интернационални фудбалери – Габриел Палмеро, Факундо Гарсес, Родриго Холгадо, Иманол Мачука, Жоао Фигеиредо, Џон Иразабал и Хектор Хевел – поради злоупотреба на документи и прекршување на Дисциплинскиот кодекс. Играчите имаат аргентинско, шпанско, бразилско и холандско потекло, а Гарсес настапува за шпанскиот тим Алавес од Ла Лига.
Според објавеното, ФАМ поднела лажни документи до ФИФА за овие играчи да можат да играат за Малезија против Виетнам во третото квалификациско коло за Азискиот куп на 10 јуни.
Како резултат на тоа, Малезија ќе треба да плати казна од 350.000 швајцарски франци, додека секој од фудбалерите ќе мора да уплати по 2.000 франци.
Покрај финансиската санкција, сите седум играчи се суспендирани од фудбалски активности на период од 12 месеци од денот на објавувањето на одлуката. Оваа одлука може да се обжали пред Апелацискиот комитет на ФИФА.