Американскиот кошаркар Денис Смит Јуниор е нов играч на Реал Мадрид, објави веб-страницата на Евролигата.
Овој 27-годишен плејмејкер потпиша договор со Реал до крајот на сезоната, а ќе го носи дресот со број четири.
Смит во својата досегашна кариера играше во НБА за Далас, Њујорк Никс, Детроит, Портланд, Шарлот и Бруклин. Во НБА лигата одигра 326 натпревари, со просек од 9,7 поени, 4,2 асистенции, три скока и 1,2 украдени топки.
Минатата сезона во Бруклин имаше просек од 6,6 поени по натпревар, заедно со 3,6 асистенции, 2,9 скока и 1,2 украдени топки.
Реал Мадрид по 21 одигран натпревар е на седмото место во поредокот на Евролигата со 12 победи и девет порази.
Следниот натпревар Реал го игра вечерва на домашен терен против Олимпијакос (20.45 часот).