Трент Александер-Арнолд (26), десниот бек на Ливерпул и на англиската репрезентација, се согласил да се пресели во Реал, открива „Марка“ и додава: „Тој одговори позитивно на понудата што актуелниот шпански и европски шампион му ја испрати на самиот крај на минатата година. Откако се е решено меѓу овие две страни, останува само третата страна, тоа е Ливерпул“.
Пред три недели Ливерпул ја одби понудата на Реал да го ослободи играчот во јануари за мала отштета бидејќи договорот му истекува на лето и се обиде да го убеди да ја продолжи соработката.
Сепак, сега ТАА се согласи да се пресели во Реал и единствено прашање е дали тоа ќе биде во тековниот зимски преоден рок или по завршувањето на сезоната.
„Марка“ наведува: „Реал сега го чека вистинскиот момент да го убеди Ливерпул да го пушти играчот во актуелниот преоден рок“.
Александер-Арнолд е на мета на Реал Мадрид од почетокот на минатата година. Она што го прави особено привлечен е тоа што неговиот договор со Ливерпул завршува на 30 јуни 2025 година, па од вчера може да води директни преговори со него, дури и фудбалерот може да потпише преддоговор.
„Атлетик“ на последниот ден од 2024 година напиша дека Реал го искористи ова за да му понуди на ТАА „договор во траење од најмалку четири години и голем бонус за потпис на договор“ и додаде: „Извори од Реал очекуваат Александар-Арнолд да потпише преддоговор со Реал во јануари. И покрај тоа од Ливерпул тврдат дека тој најверојатно ќе остане на „Енфилд“.
Александер-Арнолд е роден во Ливерпул и од детството е во истоимениот клуб, за кој на 337 натпревари постигна 21 гол и забележа 85 асистенции. Со Ливерпул освои сè: една Премиер лига, една Лига на шампиони, еден ФА Куп, едно Светско клупско првенство и два Лига купа.