Во денешниот напревар (18.30 часот) во квалификациите за Европското првенство 2025 македонската кошаркарска сениорска репрезентација против Литванија во Клаипеда влегува со многу мотиви, и обид да се стигне до позитивен резултат.
Во составот ќе биде и еден од нашите најдобри репрезентативци, Ненад Димитријевиќ, на кој сигурно Литванците ќе посветат најголемо внимание. Поради клупските обврски нашиот тим ќе биде ослабен со неиграњето на Кристијан Николов.
– Знаеме како треба да одиграме, нешто налик на она што го одигравме во оние втори 20 минути од средбата во Скопје. Очекувам да одиграме квалитетно од првата минута и ќе се обидеме да одржиме ритам во текот на целиот меч, без некои преголеми осцилации. Она што е од исклучителна важност е скок-играта. Реално е дека не може да очекувате позитивен резултат ако имате дваесетина скокови помалку од противникот. Јасни се проблемите и лимитираноста во играта под рекетот. Но затоа високите играчи мора да добијат помош и од нас, од играчите од надворешната линија. Односно сите заедно повеќе да учествуваме во таа скок-игра. Ако го оствариме тоа, ќе биде одлично – вели капитенот на „црвено-жолтите“ кои во овој момент се во негативен скор, односно една победа и два порази по три одиграни кола.
Од 17.00 часот ќе се игра и вториот натпревар во нашата „Х“ квалификациска група. Во Талин, Естонија ја дочекува селекцијата на Полска. И со евентуален успех, домаќините ќе бидат пред промоцијата на учесник на Европското првенство, каде како еден од ко-организаторите, Полска има директен пласман, и овие квалификации ги игра скоро како „ревијални“.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2025
ГРУПА „Х“
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ – 4 КОЛО (24 НОЕМВРИ)
17.00: Естонија – Полска
18.30: Литванија – МАКЕДОНИЈА
Табела: Естонија 6 бодови, Литванија 5, Македонија 4, Полска 3.