Ферстапен четврти пат по ред ја освои титулата во Формула 1

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен денеска ја освои четвртата последователна титула во Формула 1, откако трката за Големата награда на Лас Вегас во САД ја заврши на петтото место и со тоа направи недостижна бодовна предност пред Ландо Норис од Мекларен.

Ферстапен на две трки пред крајот на шампионатот во Формула 1 има 403 бодови, додека Норис е на второто место со 340.
Така холандскиот возач се израмни со Алан Прост и Себастијан Фетел по бројот на титули во Формула 1, а пред нив се Хуан Мануел Фанџо со пет и Луис Хамилтон и Михаел Шумахер со по седум титули.
Возачот на Мерцедес Џорџ Расел триумфираше на денешната трка во Лас Вегас, втор беше неговиот клупски колега Луис Хамилтон, а трет Карлос Саинц од Ферари.

Возачот на Ферари, Шарл Леклер заврши на четвртото место, додека Норис беше шести. Бодови освоија и Оскар Пјастри (Мекларен), Нико Хулкенберг (Хас), Јуки Цунода (РБ) и Серхио Перез (Ред Бул).

Мекларен е прв во конкуренција на конструктори со 608 бодови, Ферари е втор со 584, а на третото место е Ред Бул со 555.

Следната трка во Формула 1 шампионатот ќе се вози на 1 декември за Големата награда на Катар.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО