Деловните интереси прeд „клупските бои“: Приведени 19 навивачи на Милан и на Интер поради изнуда и врски со мафијата?

Италијанската полиција уапси 19 навивачки „босови“ поврзани со Милан и со Интер, од кои многумина се осомничени дека имаат врски со мафијата, „Ндрангета“.

Истрагата покажала дека некои од навивачките групи се трансформирале во криминални банди, кои вршат измама со билети и рекетирање тезги за пијалоци, како и на паркиралишта околу стадионот „Сан Сиро“, што го делат двата тима од Милано.

Обвинителите, исто така, тврдат дека истрагата открила силна врска меѓу мафијашките семејства и водачите на навивачките ултра групи „Јужна трибина“ и „Северна трибина“ на Сан Сиро.

Меѓу уапсените се водечките ултраси на „северот“, Андреа Берета, кој веќе е во затвор за убиството на Антонио Белоко, кој беше избоден 20 пати на 4 септември, и Марко Фердико. Но и „лидерите“ на Југот, Лука Лучи со неговиот брат Франческо.

– Ова е важна истрага бидејќи не’ принудува да ги отвориме очите за ризиците од влијанието на мафијата на стадионите, изјави главниот национален обвинител за борба против мафијата и тероризмот, Џовани Мелилјо на прес-конференцијата во Милано.

Обвинителството и полицијата тврдат дека осомничените вршеле притисок врз функционерите и врз играчите на двата клуба да добијат поголеми количини билети за препродажба. „Интер и Милан се оштетени“, додаде главниот обвинител на Милано, Марчело Виола.

Откриено е и како „газдите“ на ривалските навивачи договориле пакт за „ненапаѓање“ за да го зголемат незаконскиот профит.

– Доколку не се промени начинот на кој функционираат овие работи, луѓето што ги уапсивме ќе бидат заменети со други кои ќе ги прават истите кривични дела.

Фудбалот е деловна активност, а криминалните организации се заинтересирани за сите такви активности. Но, за жал, нема поплаки од претприемачите кои се жртви, изјави Антонио Кинтавале, генерал на финансиската полиција.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО