Родриго реагира затоа што не е номиниран за „Златната топка“!

„Франс фудбал“ ја објави листата од 30 кандидати за „Златната топка“ во 2024 година, на која го нема Бразилецот, Родриго (23), крилниот напаѓач на Реал Мадрид и на Бразил.

По тој повод тој веднаш се огласи на Инстаграм и објави колаж со шест фотографии на кои ги држи трофеите освоени со Реал, додека на едната изгледа дека е изненаден. Над фотографиите ставил два емотикона, едниот воодушевен и раширен со рацете, а другиот што се смее и плаче.

Професионалната кариера Родриго ја почна во бразилскиот Сантос, за кој одигра 80 натпревари, постигна 17 гола и асистираше за осум. На 18 години мина во Реал во трансфер вреден 45 милиони евра.

Минатата сезона тој забележа 51 настап, даде 17 гола и имаше девет асистенции, и под водство на тренерот Карло Анчелоти ја освои Лигата на шампиони (ЛШ), шпанската Ла лига и шпанскиот Супер куп. Од доаѓањето во Реал има освоено вкупно 12 трофеи.

Меѓу другите, на листата на кандидати за „Златната топка“ се најдоа неговите клупски соиграчи, Џуд Белингем, Винициус Жуниор, Антонио Рудигер, Дани Карвахал, Тони Крос кој летово стави крај на кариерата и Килијан Мбапе кој дојде од ПСЖ.

Нејмар објави фотографија од Родриго на Инстаграм и напиша: „Барем меѓу „топ 5“ во светот“. Притоа тој му даде поддршка на Родриго, кого го смета за еден од најдобрите фудбалери во светот.

Според Трансфермаркт, вредноста на Родриго на фудбалскиот пазар изнесува 110 милиони евра.  Тој има одиграно 27 меча и дадено шест гола за бразилската репрезентација.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО