Фудбалерите на Баерн минатата сезона останаа без титула во Бундеслигата, а цехот за тоа ја плати тренерот, Томас Тухел кој доби отказ. На негово место дојде Белгиецот, Венсан Компани, кој доведе нови засилувања и го скрои тимот според неговиот вкус.
Во новата сезона во тимот на Баерн ќе нема место за Кингсли Коман. По доаѓањето на Мајкл Олис, план е да се доведе и Дезире Дуе од Рен, по што е јасно дека повеќе не се смета на Коман.
Францускиот фудбалер дојде во редовите на Баварците пред девет години, од Јувентус за 28 милиони евра.
Коман има одиграно 296 натпревари за Баерн, даде 64 гола и имаше 66 асистенции. Тој беше стрелец на голот во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) 2020 година, кога Баерн го совлада ПСЖ (1:0).
Коман наводно одбил понуди од Саудиска Арабија, а како што се наведува, и се надева дека ќе заигра во Премиер лигата.