Реал Мадрид се издвои на врвот на листата на клубови со најмногу победи во Супер купот УЕФА, шест (Барселона и Милан имаат по пет) откако синоќа во Варшава ја совлада Аталанта со 2:0, со головите постигнати во второто полувреме на Федерико Валверде (59.минута) и на Килијан Мбапе (66.минута).
Во историска ноќ за клубот Лука Модриќ стигна до 27-та титула и е најтрофејнот играч на Реал на сите времиња, а рекордот го собори и Карло Анчелоти кој прв пат седеше на клупата на Реал од 2013 до 2015 година, а повторно ја презеде во 2021 година.
Вчера тој го освои 14. трофеј со клубот, трет за него во ова натпреварување (2014, 2022, 2024-та), вкупно петти откако двапати го предводеше Милан (2003 и 2007-та).
Италијанскиот стручњак има најмногу триумфи во Супер купот, пет, и го престигна Пеп Гвардиола, кој победуваше со Барселона во 2009 и 2011, со Баерн Минхен во 2013 и со Манчестер сити во 2023 година.
Исто така, ниту еден тренер во историјата на Реал нема повеќе трофеи од Анчелоти. Тој и легендарниот Мигел Муњоз, кој го предводеше Реал во 1959 година, а потоа и од 1960 до 1974 година, имаат освоено по 14.
Муњоз, тренерот со најдолг стаж во клупската историја, со Реал освои девет титули во шпанското првенство и двапати го предводеше до европската титула куп и до „кралскиот“ куп.
Анчелоти има три титули во Лига на шампиони (ЛШ), три Суперкупа на УЕФА, како и по две титули во Ла лига, во Купот на Шпанија, во Суперкупот на Шпанија и на клупското Светското првенство (СП).
– Чест и привилегија е да се доживеат вакви моменти. Имавме малку проблеми во првото полувреме бидејќи Аталанта притискаше и добро се бранеше.
Во второто, кога се изморија, добивме повеќе простор, а во тој простор Родриго, Винициус и Килијан Мбапе станаа многу опасни. Мбапе има квалитет, способен е да постигне повеќе од 50 гола.
Мора да најдеме баланс во тимот. Го имавме вечерва, иако беше тешко во првото полувреме. Но, одигравме одлично во одбраната, рече Анчелоти по натпреварот: