Кејти Ледецки (27) стана најуспешната олимпијка на Соединетите американски држави, надминувајќи ги сонародничките, Дара Торес, Натали Кофлин и Џени Томпсон.
Таа го освои среброто во женската штафета, 4×200 метри слободно, и стигна до 13-от медал на Олимписките игри (ОИ), од кои осум златни, четири сребрени и еден бронзен. Таа е и најтрофејната пливачка во историјата на ОИ.
На ОИ во Париз таа триумфира на 1.500 метри слободно, освои бронза на 400 метри слободно, а утре ќе се обиде да обезбеди уште едно злато, во трката на 800 метри слободно.
– Се обидувам да не размислувам многу за историјата. Ги знам тие имиња, тоа се луѓе на кои им се восхитував кога почнав да пливам. Чест ми е што сум меѓу нив. Благодарна сум им што ме инспирираа, изјави Ледецки за која ова се четврти ОИ, и како што стојат работите, ќе плива и во Лос Анџелес 2028 година.