По втор пат во историјата, по Токио 2021 година, на Олимписките игри (ОИ) ќе настапат најдобрите светски „баскетџии“, 3х3. Турнирот почнува денеска и ќе трае седум дена, до 5 август.
Супер дербито е на отворањето денеска кога во 22.35 часот ќе почне дуелот Србија – САД. На ОИ во Париз осум репрезентации ќе се натпреваруваат во машка и осум во женска конкуренција.
Репрезентациите не се поделени во групи, односно секоја ќе одигра по еден натпревар против преостанатите седум селекции.
Двете најдобри екипи по прелиминарниот дел од натпреварувањето ќе се пласираат во полуфиналето, додека селекциите од третото до шестото место ќе разигруваат за второто полуфинале во плеј-ин натпреварите.
Полуфиналните и финалните натпревари во двете конкуренции ќе се играат на 5 август.