Шпанија сосема заслужено по четврти пат ја освои титулата европски првак, а доказ за тоа се индивидуалните награди кои завршија во рацете на играчите на „Ла Роха“.
Родри, играчот од средниот ред и „мозокот“ на тимот на Луис де ла Фуенте, го доби признанието за најдобар играч на ЕП во Германија, додека Ламин Јамал, кој штотуку го прослави 17-от роденден, беше прогласен за најдобар млад фудбалер.
Јамал во неделата стана и најмладиот играч кој се појавил во финале на ЕП, и малку недостигаше да постигна гол и да стане најмладиот стрелец на сите времиња во финалето.
Дури шестмина играчи дадоа по три гола и ја поделија титулата најдобар стрелец на штотуку завршеното ЕП.
Двајца играчи од таа група, англискиот капитен, Хари Кејн и шпанскиот играч за врска, Дани Олмо имаа можност сами да се најдат на врвот, но ниту еден од нив не се запиша меѓу стрелците, па останаа во друштво на Грузиецот Жорж Микаутадзе, Германецот Џамал Мусиала, Холанѓанецот Коди Гакпо и Словакот Иван Шранц.
Шпанците Дани Карвахал, Начо и Хоселу влегоа во групата одбрани фудбалери кои во истата година со репрезентацијата ја освоиле европската титула, како и поранешниот Куп на европските шампиони (КЕШ), односно Лигата на шампиони (ЛШ) на клупски план.
Прв на кого тоа му успеа беше Луис Суарез во 1964 година. Брилијантниот шпански напаѓач ја предводеше „фуријата“ до европската титула со победата од 2:1 против Советскиот Сојуз пред 80.000 гледачи на „Сантијаго Бернабеу“.
Во истата сезона, тој го освои и КЕШ со Интер, откако славеше против Реал Мадрид со 3:1 на виенскиот стадион „Пратер“.
Во 1988-та, му се придружија Холанѓаните Ханс ван Брукелен, Роналд Куман, Бери ван Аерле и Џералд Ваненбург. Овој квартет одигра клучна улога кога ПСВ ја победи Бенфика во финалето на КЕШ во Штутгарт, на пенали.
Точно еден месец подоцна, повторно во Германија, Холандија го совлада СССР со 2:0 во финалето на ЕП во Минхен.
Шпанците Фернандо Торес и Хуан Мата имаа незаборавно лето во 2012 година славејќи со Челси во финалето на ЛШ против Баерн по пенали, а со Шпанија на ЕП ја совладаа Италија во финалето со 4:0
Кристијано Роналдо и Пепе четири години подоцна одиграа клучни улоги за Реал Мадрид и за Португалија, додека Жоржињо беше последниот што ги освои ЛШ и ЕП во истата сезона. Поради пандемијата на ковид-19, ЕП се играше 2021 година, кога Челси го победи Манчестер сити со 1:0 во англиското финале.
Сезонава во ЛШ триуфира Реал Мадрид, па во ова друштво се приклучија и Шпанците Дани Карвахал, Начо и Хоселу.