На првиот меч по Ол-стар викендот, Никола Јокиќ повторно оствари трипл-дабл во победата на Денвер нагетс над Вашингтон визардс, 130:110.
Овој ефект на Јокиќ е посебен поради две причини. Прво, затоа што го оствари без ниту едно промашување од поле, и второ, затоа што забележа трипл-дабл бројки против преостаните 29-те екипи во НБА!
Тој натпреварот го заврши со 21 поен, 19 скока и 15 асистенции и со шут од поле 10/10! Единственото промашување беше од линијата за слободни фрлања (1/2).
Ова беше четврти натпревар во кариерата на кој оствари трипл-дабл без промашување од поле, соборувајќи го рекордот на Вилт Чембрлен.
Пред Јокиќ, само Леброн Џејмс и Расел Вестбрук имаа трипл-дабл ефект против сите НБА тимови. Единствената разлика е што сменија клубови, па тоа го направија против сите 30 екипи, за разлика од Јокиќ против 29.
-Тоа ќе биде уште едно убаво достигнување кога ќе се навратам на мојата кариера, во свој стил, ладнокрвно прокоментира Јокиќ
Одличен натпревар, Далас маверикс – Феникс Санс од 123:113, одигра и Лука Дончиќ на кого му недостигаше еден скок за трипл-дабл ефект (41 поен, 11 асистенци и девет скока).
Тоа беше седма победа во низа за Далас со што се израмни со Феникс на шестото место на Западот со скор 33-23.